Стокомак подготвува нова понуда за купувачите – мини електричен автомобил по цена од 3.999 евра, кој е наменет првенствено за градско возење. Возилото се издвојува со компактните димензии и ниските трошоци за електрична енергија, а според информациите од компанијата, за поминати 100 километри се потребни само 25 до 30 денари за струја.
Од Стокомак откриле дека возилото може да се управува од 16-годишна возраст со АМ категорија, доколку ги исполнува соодветните законски услови. Според компанијата, регистрацијата се врши еднократно, а потоа се плаќа годишно осигурување.
„Цената на возилото е 3.999 евра. Возилото може да се управува со АМ категорија, со наполнети 16 години. Станува збор за многу економично возило, со просечен трошок од само 25 до 30 денари на 100 километри“, велат од Стокомак за „Фактор“.
Заинтересираните купувачи ќе можат да го погледнат и да го испробаат возилото во маркетот на Стокомак во Усје, каде што е достапно тест-возило.
Од компанијата објаснуваат дека купувањето започнува со уплата врз основа на профактура, по што купувачот ја добива потребната документација за преземање на возилото и продолжување на постапката за регистрација.
Бидејќи станува збор за увозно возило, пред купувањето е важно да се проверат потребните документи, техничките услови и дали за конкретниот модел ќе биде потребна хомологација.
Со цена под 4.000 евра и најавени ниски трошоци за возење, мини електричниот автомобил на Стокомак претставува алтернатива за оние што бараат поекономично решение за секојдневно движење низ градот. Сепак, пред купувањето треба да се проверат и другите важни карактеристики, како автономијата со едно полнење, времето за полнење, максималната брзина и гаранцијата.
Веста ја пренесува Faktor.mk
