По прекинот на дел од дијагностичките услуги на Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје, од денеска повторно е во употреба еден од компјутерските томографи. Со тоа се создаваат услови за продолжување на прегледите и намалување на застојот кај пациентите, информираат од Министерството за здравство.
Од ресорното министерство посочуваат дека веќе е започнат процесот на контактирање на пациентите чии термини беа одложени поради проблемите со апаратите. За нив се утврдуваат нови датуми за преглед, со цел дијагностиката да продолжи без дополнителни непотребни одложувања.
За побрзо завршување на заостанатите прегледи, Институтот ќе работи во две смени, а дополнителни можности за снимање се предвидени и за претстојниот викенд. Распоредот ќе се организира според достапните ресурси и медицинската итност на секој случај.
Сепак, проблемот со вториот компјутерски томограф, лоциран во хируршкиот комплекс и наменет главно за итна дијагностика, сè уште не е надминат. Неговиот сервис е во тек, а од Министерството очекуваат апаратот да биде поправен и повторно ставен во употреба во најкус можен рок.
До завршувањето на поправката, пациентите на кои им е потребна итна дијагностика се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември“ и на Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Згрижувањето се одвива преку координација меѓу здравствените установи, со цел да се обезбеди непрекината здравствена грижа за итните случаи.
Веста ја пренесува 4news.mk
