Нови пресврти околу симболите поставени на врвот Кораб. Двоглавиот орел повторно се појавил на локацијата, откако претходно беше отстранет, додека македонското знаме кое во меѓувреме беше поставено таму повеќе не се наоѓа на врвот.
За повторното поставување на симболот известува албанскиот портал „Коха“, кој објави и видео и фотографии од местото.
Според информациите на порталот, металниот двоглав орел бил тргнат пред неколку дена, по што група македонски планинари поставиле македонско знаме на истата локација. Новите снимки, пак, покажуваат дека орелот повторно е поставен, додека знамето на Македонија е отстрането.
Случувањата на Кораб предизвикаа внимание во јавноста откако на социјалните мрежи беа објавени фотографии од голем метален симбол на двоглав орел, заедно со албанско знаме и ознака поврзана со УЧК.
По објавите, македонското Министерство за внатрешни работи информираше дека е запознаено со случајот и дека ги проверува околностите во координација со планинарски организации и други надлежни институции.
Од МВР тогаш посочија дека, според првичните информации, симболот се наоѓал на страната од врвот која не е на македонска територија.
Откако орелот првично беше отстранет, реагираше и Федерацијата на Албанија за планинарство и планински туризам. Оттаму наведоа дека симболот бил поставен од група албански планинари и побараа од надлежните институции во Албанија да се утврдат околностите околу неговото отстранување.
Албанската планинарска федерација во реакцијата се повика и на информациите од македонското МВР во врска со местоположбата на симболот. Воедно, апелираше поединечните постапки да не влијаат врз соработката и односите меѓу планинарските организации од Македонија и Албанија.
Со најновото повторно поставување на двоглавиот орел и отстранувањето на македонското знаме, случувањата на Кораб добиваат ново продолжение.
Веста ја пренесува Infomax.mk
