Фото: Принтскрин
Од утре, 29 септември, возачите ќе плаќаат различни цени за горивата. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која просечната малопродажна цена на нафтените деривати се намалува за 1,06 проценти.
Најзначајна промена има кај дизелот. Од 00:01 часот, максималната цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе биде 100 денари за литар, што претставува намалување од 4,50 денари во однос на досегашната цена.
Кај бензините, пак, следува поскапување од еден денар. ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимални 100 денари за литар, додека цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 102 денари за литар.
Промена има и кај останатите нафтени деривати. Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за 3 денари, па новата максимална цена ќе биде 111,50 денари за литар.
Мазутот М-1 НС ќе поевтини за 0,196 денари по килограм, со максимална малопродажна цена од 49,882 денари за килограм.
Од РКЕ информираат дека промените се резултат на движењата на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Кај бензините е регистриран раст од 0,049 проценти, додека кај дизелот референтната цена е намалена за 6,734 проценти. Намалување има и кај екстра лесното масло и мазутот.
Во новата пресметка е вклучена и владината мерка за намалена стапка на ДДВ од 10 проценти за ЕУРОДИЗЕЛ, како и намалената акциза за бензините БС-95 и БС-98 и за ЕУРОДИЗЕЛ.
Важно е да се напомене дека цените утврдени од РКЕ се максимални. Тоа значи дека бензинските станици можат да ги продаваат горивата и по пониска цена од наведената.
Новите цени стапуваат во сила на 29 септември во 00:01 часот.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
