Нови можности за вработување се отвораат во Министерството за јавна администрација, кое објави огласи за повеќе различни работни позиции.
Се бараат кандидати за места како инспектори, административни службеници и референти, но и за раководна позиција во рамки на Министерството.
Највисоката предвидена плата е 54.421 денар месечно, а се однесува на работното место раководител на сектор за нормативно-правни работи. За оваа позиција кандидатите треба да имаат високо образование од правна област со стекнати најмалку 240 ЕКТС-кредити и минимум пет години работно искуство во струката. Од нив, најмалку две години треба да бидат поминати на раководна позиција во јавниот сектор.
За останатите огласени работни места условите се разликуваат во зависност од позицијата. За дел од нив е потребно соодветно образование и професионално искуство, додека кај одредени позиции кандидатите можат да конкурираат и без претходно работно искуство.
Предвидените месечни примања за овие работни места се движат приближно од 32.000 до 36.000 денари, во зависност од конкретната позиција.
Како дел од општите услови за кандидатите се наведуваат македонско државјанство, полнолетство, активно користење на македонскиот јазик и општа здравствена способност.
Министерството за јавна администрација е предводено од Горан Минчев, кој доаѓа од политичката партија ЗНАМ.
Веста ја пренесува 24chasa.mk
