Иако календарскиот почеток на есента е зад нас, времето во голем дел од Европа повторно ќе потсетува на лето. Метеоролошките прогнози најавуваат ново затоплување, при што во одредени региони температурите би можеле да се приближат и до 30 степени Целзиусови.
Според метеоролошките анализи, над поголем дел од континентот ќе се задржи стабилна атмосферска ситуација со изразен висок воздушен притисок. Таквата поставеност ќе овозможи навлегување на потопол воздух од јужните делови на Европа, Средоземјето и Северна Африка кон север.
Најзначително затоплување се очекува во делови од Западна и Централна Европа, но топлата воздушна маса постепено би можела да се прошири и кон северните региони.
Во некои области дневните температури ќе се движат во високите 20-ти, што е значително над вообичаеното за крајот на септември. На одредени места не се исклучува температурата да достигне околу 30 степени.
Особено високи температури се очекуваат на Пиринејскиот Полуостров. Во делови од Шпанија термометрите би можеле да покажат над 35 степени, додека локално се разгледува можност и за температури близу 40 степени.
Топлиот воздух потоа постепено би се придвижувал кон север и исток, носејќи надпросечни температури и во други делови од континентот.
Интересно е што долгорочните метеоролошки модели укажуваат на можност периодот со натпросечно топло време да не заврши со септември.
Според актуелните проекции, повисоки температури од просечните би можеле да продолжат и во првите денови од октомври, особено во делови од Франција, Германија и Скандинавија.
Сепак, бидејќи станува збор за прогноза за подолг временски период, очекуваните температури и временската динамика сè уште може да се менуваат. Со приближувањето на датумите, новите пресметки на метеоролошките модели ќе дадат попрецизна слика за тоа колку долго ќе трае топлиот период.
Веста ја пренесува Hypetv.mk
