Фото: МВР
Министерот за внатрешни работи (МВР), Панче Тошковски соопшти дека „Безбеден град“ наскоро ќе почне да се користи и во уште неколку македонски градови.
„Денеска бев во работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде со раководствата разговаравме за актуелната безбедносна состојба и активностите што ги преземаме за дополнително унапредување на безбедноста во овој регион.
Во СВР Охрид сме во завршна фаза со подготовката на командниот центар кој е неопходен за практична примена на системот „Безбеден град“. Од 12 октомври планираме „Безбеден град“ да започне со примена и на целата територија на СВР Охрид, односно на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Имаме уште околу две недели да ги завршиме преостанатите активности околу командниот центар и овој паметен систем да го ставиме во функција и во овој дел од државата. Разговаравме и за борбата против криминалот и корупцијата, нелегалната трговија и дистрибуцијата на дрога, јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.
Од Регионалниот центар Запад денеска испраќаме уште една значајна вест. За првпат е договорено ФРОНТЕКС своите активности да ги насочи и кон западната граница, а не само кон јужната како досега. Очекуваме заедничките активности да започнат на почетокот на идната година, со што дополнително ќе ја зајакнеме контролата на западната граница.
Продолжуваме со модернизација на полициското работење, со нови технологии и со зајакнување на меѓународната соработка таму каде што тоа носи конкретен придонес за безбедноста на граѓаните“, објави Тошковски.
