Апелациониот суд ја потврдил затворската казна за Гордана Филиповиќ од Куманово, која е осудена на две години и шест месеци затвор поради сообраќајната несреќа во која животот го загуби 76-годишниот Слободан Ангеловски.
Станува збор за несреќата што се случи во 2022 година кај мостот „Гоце Делчев“, во близина на Македонскиот народен театар во Скопје.
Повисокиот суд ги одбил и жалбата на Филиповиќ, која барала преиспитување на пресудата, и жалбата на Обвинителството, кое барало изрекување построга казна. Со тоа останува во сила одлуката на Основниот кривичен суд Скопје донесена по повтореното судење.
Во образложението на Апелација се наведува дека првостепениот суд правилно ги утврдил фактите и околностите под кои дошло до несреќата.
Според судските наоди, Филиповиќ се движела со автомобил по една од фреквентните скопски сообраќајници со брзина од 54,4 километри на час, иако дозволената брзина на тој дел од патот била 50 километри на час.
Особено внимание било посветено на моментот кога возачката се приближувала до пешачкиот премин. Другите возила во соседните ленти веќе биле запрени, што според судот требало да укаже дека пешак се наоѓа на преминот.
Наместо да запре, според утврденото во постапката, Филиповиќ продолжила со движењето, заобиколила возило кое стоело во средната лента и преминала во третата лента. Во тој момент дошло до ударот во пешакот.
Во несреќата животот го загуби 76-годишниот Слободан Ангеловски.
Овој предмет веќе еднаш бил разгледуван од Апелациониот суд. Во првичната постапка Филиповиќ била осудена на три години затвор, но пресудата била укината, по што случајот бил вратен на повторно судење.
По повторената постапка, Основниот кривичен суд Скопје ѝ изрече казна од две години и шест месеци затвор.
Синот на починатиот, Столе Ангеловски, по изрекувањето на оваа казна јавно изрази незадоволство и оцени дека санкцијата е прениска.
Одбраната, пак, во жалбата укажувала дека станува збор за дело сторено од небрежност, а не со умисла. И Обвинителството поднело жалба, но со спротивно барање – да биде изречена повисока казна.
Апелациониот суд ги разгледал двете жалби и ги одбил, со што правосилно останува казната од две години и шест месеци затвор.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
