Двајца лекари, сопружници, завршија во притвор во Грција по смртта на познатиот пејач Јоргос Мазонакис, кој почина за време на медицинска процедура во нивната приватна ординација.
По повеќечасовно сослушување пред истражен судија и обвинител, на лекарскиот пар му е определена мерка притвор. Тие, сепак, ги отфрлаат сите наводи против нив и негираат дека сториле кривично дело.
Случајот добил нова димензија откако истрагата била проширена со дополнителни докази. Првично, лекарите биле осомничени за загрозување на животот со смртен исход, но обвинението подоцна било преквалификувано во убиство со евентуална умисла.
Мазонакис починал додека во ординацијата се вршела плазмафереза, медицинска постапка при која се одвојува крвната плазма. Според досегашните наоди од истрагата, ординацијата била регистрирана како интернистичка приватна практика, а се појавиле сомнежи дека таму биле изведувани и процедури за кои немало соодветна дозвола.
Особено внимание на истражителите привлекол начинот на кој била водена интервенцијата во критичните моменти. Според грчките медиуми, лекарите не повикале итна медицинска помош веднаш, туку се обидувале сами да му помогнат на пејачот.
Се истражува и податокот дека од моментот на влошувањето на неговата состојба до повикувањето на брзата помош поминало значително време. Надлежните сега проверуваат дали навременото реагирање можело да влијае врз исходот.
Важен дел од истрагата е и самиот апарат што бил користен за плазмаферезата. Според досегашните информации, уредот регистрирал повеќе предупредувања за време на процедурата, вклучително и сигнал во моментот кога престанала срцевата работа.
Лекарката која ја спроведувала процедурата, според својот исказ, тврди дека сигналите не морале да значат дека пациентот доживува срцев удар. Таа навела дека предупредувањата можеле да бидат поврзани и со други технички или медицински проблеми, меѓу кои и венскиот пристап.
Нејзиниот сопруг, пак, тврдел дека во моментите кога се одвивала процедурата бил ангажиран со друг пациент во соседната просторија и дека немал директна улога во третманот на Мазонакис.
И двајцата пред истражните органи ги отфрлиле сомнежите дека постапувале со намера да му наштетат на пејачот. Тие инсистираат дека користената опрема била дозволена и дека процедурата била спроведена согласно протоколите. Одбраната, исто така, ја довела во прашање постапката при транспортот на Мазонакис до болницата.
По завршувањето на сослушувањето, кое траело повеќе од 16 часа, лекарскиот пар бил префрлен во затворот Коридалос, во близина на Атина.
Смртта на Мазонакис предизвика голем потрес во Грција. Тој беше меѓу најпознатите грчки музички ѕвезди и повеќе од три децении беше присутен на музичката сцена.
Зад себе остави бројни хитови, албуми и илјадници настапи, а редовно настапуваше во познатите грчки ноќни клубови со жива музика.
Само неколку дена пред смртта, тој се подготвувал за голем концерт во Атина, со кој требало да одбележи 33 години од почетокот на својата музичка кариера.
Веста ја пренесува Слободен печат.
