Жичарата на Водно привремено е надвор од употреба поради утврдени технички проблеми кои наложиле темелна реконструкција на системот.
При проверката, австрискиот производител „Допелмајр“ констатирал неисправности на сајлите, како и три безбедносни сензори кои не функционирале. Поради состојбата на опремата, донесена е одлука за целосен ремонт наместо само делумни поправки.
Според информациите од градоначалникот Ѓорѓиевски, од пуштањето на жичарницата во употреба не бил извршен соодветен генерален сервис.
За надминување на проблемите е склучен договор со „Допелмајр“, компанијата која го произвела системот. Предвидено е да се изврши комплетна реконструкција, а паралелно со тоа да се спроведе и дополнителна обука на персоналот.
По завршувањето на работите, жичарницата ќе мора да помине низ серија детални и ригорозни тестирања. Доколку сите проверки бидат успешно завршени, системот треба да добие меѓународен сертификат за безбедно функционирање.
Најавите се дека жичарницата повторно ќе биде ставена во употреба до крајот на ноември.
Веста ја пренесува Zboruvaj.mk
