На 88 години, кога многумина размислуваат за мирно пензионерско секојдневие, Бранислав „Брано“ Радуловиќ од Подгорица решил да направи нешто сосема поинакво – да се запише на Машинскиот факултет при Универзитетот на Црна Гора.
Иако здравствената состојба не му дозволува редовно да оди на предавања, тоа не го спречува да размислува, истражува и да ги претставува своите идеи.
Во центарот на неговото внимание е енергетскиот потенцијал на Црна Гора. Радуловиќ смета дека земјата има природни предности кои би можеле многу поефикасно да се искористат – од големиот број сончеви денови, преку планините, па сè до јадранското крајбрежје.
Неговата идеја е Црна Гора значително да го зголеми производството на електрична енергија, не само за сопствените потреби, туку и за извоз.
Според неговата визија, приходите од продажбата на електричната енергија би можеле да бидат толку значајни што би придонеле за значително подобар животен стандард на населението.
Но, неговите планови не завршуваат со енергетиката. Еден од предлозите што го застапува е и изградба на сообраќајно решение што би го заобиколило Котор. Тој смета дека ваков проект би можел да го растовари сообраќајот, да ја подобри инфраструктурата и истовремено да помогне во зачувувањето на туристичкиот бисер.
Приказната за Радуловиќ испраќа едноставна, но силна порака: никогаш не е предоцна за учење, нови идеи и визии за иднината.
Веста ја пренесува Канал 5 телевизија.

