Мирсад А., сопственик на ресторанот „Балкан Грил“ во Виена, е уапсен по повеќемесечна истрага поради сомнежи за повеќе кривични дела, меѓу кои измама, кражба и подметнување пожар.
Еден од случаите за кои се сомничи се однесува на 71-годишен слеп гостин, кој во ресторанот плаќал со банкарска картичка.
Според неговата пријава, во текот на две недели тој седумпати јадел во ресторанот, а од неговата сметка биле наплатувани суми многу поголеми од вистинските сметки. Вкупно, наводно, му биле повлечени 4.933,33 евра, а во еден случај дури 2.000 евра.
Измамата ја открил дури неколку недели подоцна, кога со помош на асистент ги проверил банкарските изводи.
Кога сфатил дека му недостигаат речиси 5.000 евра, 71-годишниот маж наводно колабирал и завршил во болница. Особено потресно е што, според австриските медиуми, станувало збор за пари што со години ги штедел за сопствениот погреб.
Сопствениците на ресторанот, според наводите, првично тврделе дека станува збор за техничка грешка при внесувањето на износите на терминалот. Сепак, проверката на трансакциите наводно предизвикала дополнителни сомнежи кај истражителите.
Во меѓувреме, против Мирсад А. и неговото семејство се појавиле и други обвинувања.
Поранешна станодавка тврди дека претрпела штета од околу 150.000 евра, наведувајќи проблеми со неплатени кирии, измама и други инциденти. Таа тврди дека од 20 кирии биле платени само една, додека останатите 19 останале неплатени.
Истрагата во Австрија продолжува, а обвиненијата допрва треба да бидат докажани пред надлежните институции.
Веста ја пренесува Blic.rs

