Тажна вест го потресе хрватскиот фудбал. На 67-годишна возраст почина Иван Гудељ, легенда на сплитски Хајдук и поранешен капитен на југословенската репрезентација, по тешка болест.
Гудељ беше еден од најдобрите фудбалери на Хајдук во осумдесеттите години и играч чиј потенцијал ветуваше голема европска кариера. За жал, здравствените проблеми го спречија токму во периодот кога се наоѓаше на врвот.
Роден на 21 април 1960 година во Имотски, а израснат во Змијавци, првите фудбалски чекори ги направил во Мрачај од Руновиќи. Во 1975 година пристигнал во Хајдук по препорака на легендарниот Андрија Анковиќ.
Во дресот на сплитскиот клуб одиграл 362 натпревари и постигнал 93 гола. Со „белите“ го освоил југословенското првенство во 1979 година и два Купа на Југославија.
Гудељ беше исклучително модерен фудбалер за своето време. Иако најчесто играше во средниот ред или во одбраната, поседуваше техника, брзина, сила и одличен удар, поради што често беше опишуван како прототип на современиот фудбалер.
Еден од најголемите моменти во неговата клупска кариера беше сезоната 1983/84, кога Хајдук стигна до полуфиналето на Купот на УЕФА. Во првиот меч против Тотенхем на „Пољуд“, Гудељ постигна гол во победата од 2-1. Англичаните во реваншот славеа со 1-0 и продолжија понатаму поради тогашното правило за голови на гости.
Гудељ остави голема трага и во репрезентативниот фудбал. Во 1979 година беше капитен на младинската репрезентација на Југославија која ја освои европската титула, а беше прогласен и за најдобар играч на турнирот.
За сениорската репрезентација дебитираше во 1980 година и запиша 33 настапи и три гола. Беше дел од тимот на Олимписките игри во Москва, Светското првенство во Шпанија во 1982 година и Европското првенство во Франција во 1984 година.
На Мундијалот во Шпанија одигра одлично, па францускиот „Л’Екип“ го избра во идеалниот тим на првенството. Во 1984 година, на мечот против Бугарија во Софија, Гудељ стана најмладиот капитен во историјата на сениорската југословенска репрезентација.
Поради правилата во тогашниот југословенски фудбал, заминувањето во странство не било едноставно, но се очекувало Гудељ еден ден да направи голем трансфер. За него се интересирале европски гиганти како Реал Мадрид, Барселона и Бордо, а самиот тој подоцна признавал дека Реал му бил голем сон.
Во септември 1986 година, за време на натпреварот меѓу Хајдук и Црвена Звезда на „Пољуд“, Гудељ почувствувал силна исцрпеност и побарал замена. Медицинските прегледи покажале дека боледува од хепатитис Б.
Се обидел да се врати на терените, но болеста повторно се појавила. Така, неговата професионална кариера завршила кога имал само 26 години, токму во периодот кога требало да ја достигне европската фудбалска сцена.
Веста ја пренесува Duma.mk

