Македон Димитровски наполни 12 години – детето кое со своето знаење ги освојува светските математички сцени
Македонската математичка надеж Македон Димитровски вчера го одбележа својот 12-ти роденден, а зад него веќе стои приказна каква што ретко се среќава на оваа возраст.
Младиот тетовец уште од најрана возраст покажал дека има исклучителен талент за бројки, логика и решавање сложени задачи. Неговата љубопитност и желба за знаење со текот на годините прераснале во низа значајни успеси на меѓународната сцена.
Неговата приказна започнува уште во најраното детство. На само две ипол години Македон научил да чита, а неколку години подоцна веќе решавал математички проблеми кои биле далеку над нивото што вообичаено се очекува од неговите врсници.
Особено внимание привлекоа неговите настапи на престижниот натпревар „Математика без граници“, каде што се натпреваруваат илјадници млади математичари од различни делови на светот. Македон повеќепати успеал да стигне до самиот врв, освојувајќи златни признанија.
На големото финале во Несебар, Бугарија, тој приреди извонреден резултат. Покрај златниот медал, го освои и Купот на градоначалникот, како и титулата „Математичка ѕвезда“ на турнирот.
Успесите продолжија и во Германија. На Германската математичка олимпијада Македон се закити со две златни медали и беше прогласен за лауреат, што претставува уште едно големо признание за неговото знаење и математички способности.
На неговата колекција на одличја се најде и сребрен медал од меѓународниот натпревар по алгебра „Лудовико Ферари“, со што уште еднаш потврди дека неговиот талент не се ограничува само на еден вид математички задачи.
Но, интересите на Македон се многу пошироки од математиката. Тој со голем интерес го истражува светот на астрономијата, планетите и далечните галаксии. Покрај македонскиот јазик, зборува англиски, а учи и германски, грчки и кинески.
Иако има само 12 години, неговото име веќе е познато и надвор од границите на Македонија. Од родното Тетово до меѓународните математички натпревари, Македон со своето знаење и резултати претставува вистински пример дека возраста не е пречка за големи достигнувања.
Македон ги дува 12-те свеќички со зад себе оставени бројни признанија, но и со уште поголем простор за нови успеси.
Ако досегашните резултати се показател за она што следува, македонската јавност има уште многу причини да го следи ова младо момче и неговите идни подвизи.
Веста ја пренесува Newz24live.com

