Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ приредија посебна музичка вечер во Античкиот театар во Охрид, но концертот не помина без една несекојдневна ситуација која ја насмеа, но и ја испаничи пејачката.
Пред охридската публика, познатиот брачен пар изведуваше свои песни, но и добро познати македонски и регионални хитови. Вечерта имаше и посебно емотивно значење за нив, бидејќи токму на концертот одбележаа 15 години брак.
Иван Босиљчиќ ѝ се обрати на публиката и истакна дека се особено среќни што годишнината ја прославуваат токму со присутните во Охрид.
Сепак, еден момент од настапот не бил дел од планираната програма.
Додека Јелена пеела, на нејзиниот фустан се појавила голема богомолка. Пејачката веднаш забележала што се случува и во паника се обидела да го отстрани инсектот.
Помош стигнала и од публиката, но обидот да се тргне непоканетиот „гостин“ не бил успешен. На крајот, во помош ѝ пристигнал нејзиниот сопруг Иван, кој успеал да ја отстрани богомолката.
Јелена подоцна ја сподели снимката од необичниот момент на својот профил на Инстаграм, а со малку хумор го прокоментира потегот на сопругот.
„Мажот е секогаш тука кога треба“, напиша таа.
Несекојдневната случка за кратко го прекинала настапот, но не успеала да ја расипе атмосферата на концертот. Напротив, моментот стана еден од најинтересните делови од вечерта во Охрид.
Веста ја пренесува Newz24live.com
