Пет тинејџери го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа во Ирска, откако автомобилот во кој се наоѓале се движел во спротивна насока на автопат. Според досегашните сознанија од истрагата, опасното возење било и снимано, наводно со цел материјалот да биде објавен на социјалните мрежи.
Несреќата се случила во раните утрински часови на 16 август на автопатот М9. Автомобилот БМВ со петте млади лица се движел во спротивен правец, по што директно се судрил со автомобил „Хјундаи“.
Во второто возило имало три сестри и седумгодишно дете. Сите четворица се здобиле со тешки повреди.
Семејството во моментот на несреќата патувало кон аеродромот во Даблин, од каде требало да заминат во Велика Британија на семејна свадба.
Меѓу загинатите се 15-годишниот Џо Карти, 17-годишните Камил Пустковски, Џек Кенеди и Алекс Мекарти, како и 18-годишниот Џереми О’Брајан.
Ирската полиција истражува и други околности поврзани со групата. Според досегашните информации, постојат сомнежи дека дел од младите претходно биле поврзани со провали во куќи и автомобили во округот Килдер.
Истрагата проверува и дали намерно се обидувале да предизвикаат полициска потера. Дополнително, се појавија информации дека некои од нив и претходно објавувале снимки со ризично возење.
На интернет со години се појавуваат снимки од екстремно брзо возење, бегство од полиција и возење во спротивна насока. Во дел од овие видеа, опасното однесување станува главниот дел од содржината, а реакциите од публиката дополнително го поттикнуваат интересот.
Сепак, пензионираниот полицаец Греам Каванаг предупредува дека вината не може едноставно да се префрли врз социјалните мрежи.
Тој смета дека треба да се постави и прашањето како група од пет млади луѓе заеднички дошла до одлука да преземе толку голем ризик. Според него, одговорноста за спречување на ваквото однесување е поширока и ги опфаќа семејствата, училиштата, социјалните служби и институциите.
По несреќата, дополнителен притисок беше насочен и кон ТикТок, откако на платформата повторно се појавија видеа поврзани со опасно возење.
Компанијата не се појавила пред парламентарниот комитет за медиуми, образложувајќи дека во тек се полициска и регулаторна истрага. Од компанијата посочиле и дека и други платформи не биле повикани пред комитетот.
Претседателот на комитетот, Алан Кели, остро го критикувал потегот и го опишал како навреда кон ирската јавност.
Во меѓувреме, дел од политичарите во Ирска бараат дополнително заострување на законите. Меѓу предлозите е и најопасните случаи на возење во спротивна насока на автопат да се третираат како особено тешки кривични дела.
Случајот предизвика поделени реакции и во јавноста. На интернет се појавија и бројни навредливи коментари кон загинатите, поради што семејствата на дел од младите ги отстраниле осмртниците од интернет. Погребите на некои од нив биле обезбедувани и од полицијата.
Паралелно, голема поддршка доби семејството кое било во „Хјундаи“. За нивната помош биле собрани повеќе од 660.000 евра.
Веста ја пренесува Skopje1.mk


