По повеќе од три децении присуство на македонскиот пазар, „Тинекс“ се соочува со период на големи промени. Во дел од продавниците веќе се забележува празнење на рафтовите, додека во исто време компанијата е во процес на продажба на својот бизнис на косовската компанија „Проекс интернационал“.
Во еден од поголемите маркети на „Тинекс“ во Скопје, спроти Зелениот пазар, ситуацијата е забележлива уште при првиот поглед. На дел од рафтовите сè уште може да се најдат слатки, конзервирана храна и одредени замрзнати производи, но повеќе оддели се речиси целосно испразнети.
Најочигледна е состојбата во делот за свежо месо и месни производи, како и кај млечните производи, каде што речиси и да нема понуда.
Сето ова доаѓа во период кога компанијата неодамна најавуваше поинаква иднина. Кон крајот на 2024 година „Тинекс“ започна со воведување каси за самонаплата, како дел од плановите за дигитализација и модернизација на своите продажни места.
Само неколку месеци подоцна, летово, компанијата отвори и нов, современ маркет во „Мега шопинг парк“ во Гевгелија. Објектот се простира на околу 1.450 квадратни метри.
Но, наместо продолжување на експанзијата, набргу следуваше информација дека „Тинекс маркет ДООЕЛ“ го продава својот бизнис на „Проекс интернационал“ од Косово.
Засега не е целосно разјаснето дали договорот се однесува на сите продажни објекти на „Тинекс“. Во јавноста се појавија информации дека од продажбата би можеле да бидат изземени одредени имоти и деловни комплекси, меѓу кои се споменува и „Зебра“.
„Проекс интернационал“ главно работи во секторот трговија на мало, со фокус на неспецијализирани продавници во кои доминираат прехранбени производи, пијалаци и тутун.
Комисијата за заштита на конкуренцијата на 11 август соопшти дека косовската компанија и групацијата на која ѝ припаѓа немаат поврзани компании регистрирани во Северна Македонија, ниту оствариле приходи на македонскиот пазар во текот на 2025 година.
Од Комисијата посочија дека по прелиминарното разгледување постои можност трансакцијата да потпаѓа под одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата. Конечната одлука сè уште не е донесена, а заинтересираните страни се повикани да ги достават своите мислења и евентуални забелешки.
Дополнителен показател за тешкотиите низ кои минува „Тинекс“ се и финансиските резултати.
Според податоците од „Бизнис мрежа“, пренесени од порталот „Пари“, компанијата во 2025 година остварила приходи од 86,3 милиони евра. Тоа е пад од околу 16,5 отсто во споредба со 2024 година, кога приходите достигнале 103,4 милиони евра.
Уште позначајна е промената кај добивката. По добивката од 879,3 илјади евра во 2024 година, компанијата во 2025 година прикажала загуба од приближно 3,5 милиони евра.
Во истиот период се намалил и бројот на вработени. Ако во 2024 година „Тинекс“ имал 1.140 вработени, една година подоцна бројката паднала на 995 лица, односно за околу 12,7 отсто.
Промени има и во друг дел од бизнисот. Според досегашните медиумски информации, парфимериите „Космо“, заедно со залихите и инвентарот, преминуваат во сопственост на белградската компанија „Јасмин“, која исто така работи во секторот на парфимерија и козметика.
Така, бренд кој со децении беше препознатлив дел од секојдневното пазарење на македонските граѓани денес се наоѓа пред значајна пресвртница. Дали станува збор за целосно повлекување на „Тинекс“ од малопродажниот пазар или за промена на сопственичката структура и нова фаза во неговото работење, останува да покаже конечниот исход од постапките.
Веста ја пренесува Слободен печат.
