Министерството за внатрешни работи воведе нова електронска услуга преку веб-апликацијата „Безбеден град“, со која странските државјани и возачите на автомобили со странски регистарски ознаки можат да проверат дали се евидентирани како сторители на сообраќаен прекршок.
Новата можност им овозможува на возачите да добијат информации за прекршокот, да го видат прекршочниот платен налог и без одење на шалтер да ја подмират изречената глоба преку интернет.
За пристап до системот потребно е корисникот да ја внесе регистрацијата на возилото и да ја скенира или фотографира својата патна исправа. По идентификацијата, системот прикажува дали постои евидентиран прекршок и дали за него има издаден налог за плаќање.
Услугата е особено значајна за странските возачи кои ја напуштаат земјата. Наместо евентуалната казна да ја дознаат дури на граница, тие можат навреме да ја проверат својата состојба и да ја регулираат обврската електронски, со што се намалува можноста за дополнително задржување при излез од државата.
Од МВР посочуваат дека во системот се внесени и прекршоци регистрирани од 1 февруари 2026 година. Доколку при излез од земјата биде утврден неплатен прекршок за странско возило, возачот може да биде запрен и упатен во соодветна постапка за подмирување на глобата.
На граничниот премин Табановце веќе се поставени посебни пунктови за странските возачи, каде што може да се регулираат ваквите обврски. Дополнително, глобите можат да се платат и електронски со платежна картичка преку новата апликација.
Веста ја пренесува 24chasa.mk
