Стотина возачи со странски регистарски таблички денеска биле запрени на граничниот премин Табановце, откако системот „Сејф сити“ претходно регистрирал сообраќајни прекршоци направени на територијата на Македонија.
Сообраќајниот систем и досега ги регистрираше странските возила кои минувале на црвено светло или ја надминувале дозволената брзина. Сепак, досегашниот проблем бил како регистрираниот прекршок да се претвори во реална санкција пред возачот да ја напушти земјата.
Од денеска, на Табановце се применува поинаков начин на контрола. Странските возила кои имаат забележан прекршок во системот се издвојуваат при излез од Македонија и се упатуваат на дополнителна проверка.
За оваа постапка повторно биле активирани старите гранични терминали, кои не се користат во досегашниот режим на заедничка контрола со Србија. Во актуелниот систем Македонија го контролира влезот во земјата, додека српските служби го контролираат излезот.
Постапката функционира едноставно. При пристигнувањето на возилото на терминалот, полициски службеник ја проверува регистарската ознака. Доколку во системот е евидентиран прекршок направен и снимен од „Сејф сити“, возачот не продолжува директно кон границата, туку се пренасочува на шалтер каде што се преземаат понатамошни дејствија.
За возилата кај кои нема регистриран прекршок нема дополнителна постапка и тие можат да продолжат со излез од државата.
Воведувањето на овој механизам доаѓа по најавите од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека се работи на решение со кое казните за странските возачи нема само да остануваат заведени во системот, туку ќе можат и да бидат наплатени и санкционирани.
Тошковски во јули најави дека следната фаза од „Сејф сити“ ќе опфати и странски возила, со што прекршоците направени на македонските патишта ќе имаат конкретни последици и за возачите кои не се македонски државјани.
Веста ја пренесува Skopje1.mk

