Американски турист го загубил животот откако бил погоден од гром додека планинарел на вулканот Етна на Сицилија, Италија. Несреќата се случила во подрачје кое било затворено за посетители поради засилената вулканска активност.
Станува збор за 29-годишен маж од американската сојузна држава Канзас. Според италијанските пожарникари, тој бил погоден од гром во неделата навечер, во високите и изложени делови на вулканот, над горната граница на шумата.
По несреќата, туристот бил евакуиран со хеликоптер, но и покрај напорите на спасувачките екипи, бил прогласен за мртов. Италијанските власти засега не го објавиле неговиот идентитет.
Дел од падините на Етна во изминатиот период се затворени за планинари поради продолжената вулканска активност. Состојбата била доволно сериозна што минатата недела било нарушено и функционирањето на аеродромот во блискиот град Катанија.
Иако Етна е еден од најактивните вулкани во Европа, италијанските власти посочуваат дека во последните децении повеќе луѓе на вулканот ги загубиле животите поради удари од гром отколку како директна последица од вулканските активности.
Последниот поголем број смртни случаи поврзани со ерупција на Етна бил забележан во 1987 година.
Веста ја пренесува Adria.tv
