Паника и неизвесност завладеале во познатото грчко летувалиште Сивири, откако пожарот што избувнал во текот на денот, поттикнат од силниот ветер, почнал да се приближува кон населеното место.
Меѓу луѓето кои одблизу ја почувствувале сериозноста на ситуацијата бил и македонскиот композитор Дарко Димитров, кој во моментот се наоѓал на одмор со своите блиски.
Според неговото сведоштво, почетокот на пожарот во прв момент не изгледал како непосредна опасност. Луѓето забележале чад во далечината, но ситуацијата за кратко време се променила.
„Сè беше нормално, седевме и уживавме во одморот, кога некој забележа дека некаде има пожар. Сакавме да видиме каде точно се наоѓа, па пуштивме дрон. Во почетокот ни изгледаше дека огнот е далеку. Но, ветерот значително засили и ситуацијата многу брзо се промени“, раскажува Димитров.
Како што огнот се приближувал, на туристите и жителите им биле испраќани предупредувања да го напуштат подрачјето. На терен пристигнале противпожарни екипи, а во гаснењето и контролирањето на пожарот биле ангажирани и хеликоптери и пловни објекти.
Димитров вели дека глетката била особено вознемирувачка, но истовремено ја истакнува подготвеноста на надлежните служби.
„Навистина беше страшно да се гледа. Сепак, морам да кажам дека службите реагираа одлично и беа добро организирани. Презедоа мерки и ни кажаа дека вечерта може да биде критична. Засега ситуацијата е мирна, а ние моментално сме во Фурка“, вели Димитров.
Силниот ветер останува еден од најголемите фактори што ја отежнуваат ситуацијата, поради што надлежните внимателно ја следат состојбата и во текот на ноќта.
Веста ја пренесува Newz24live.com



