Возач од Скопје е осомничен дека со непрописно свртување предизвикал сообраќајна несреќа во која животот го загуби 19-годишниот Никола Макрачевски, а потоа не застанал за да им помогне на повредените.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 46-годишен скопјанец, кој се сомничи за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и за неукажување помош на лица повредени во сообраќајна несреќа.
Несреќата се случила на 7 август, околу пладне, на улицата Радишанска. Според наводите на обвинителството, осомничениот управувал „Сеат Алтеа“ и при движењето кон крстосницата со улицата „18“ започнал да свртува налево.
Клучниот проблем, според истрагата, бил тоа што при свртувањето не ги пропуштил возилата што се движеле од спротивниот правец. Со маневарот му го пресекол патот на мотоциклот „Кавасаки“ што го управувал 19-годишниот Никола Макрачевски.
Во обид да избегне директен судир со „Сеатот“, младиот мотоциклист свртел налево и преминал во спротивната сообраќајна лента. Таму се судрил со автомобил „Алфа Ромео“.
Од жестината на ударот, Макрачевски бил исфрлен од моторот и паднал на коловозот. Тој се здобил со тешки повреди и починал на самото место. Во несреќата полесно бил повреден и возачот на „Алфа Ромео“.
Од обвинителството велат дека осомничениот по несреќата не застанал да им помогне на повредените, туку го напуштил местото.
За кривичното дело поврзано со предизвикување на сообраќајната несреќа со смртни последици е предвидена затворска казна од една до десет години, додека за неукажување помош може да следува казна затвор од три месеци до пет години.
Обвинителството смета дека несреќата била предизвикана поради небрежност на осомничениот возач.
За 46-годишникот се побарани мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето, задолжително јавување во суд и привремено одземање на патната исправа и возачката дозвола.
Според досегашните информации, 19-годишниот мотоциклист во моментот на несреќата не носел заштитна кацига, а мотоциклот бил нерегистриран.
Веста ја пренесува Telma.com.mk
