Интензивна потрага по 71-годишен скопјанец се одвива во водите на Преспанското Езеро, откако вчера попладне тој скокнал од чамец во обид да ги извади веслата што паднале во водата.
Случајот бил пријавен во СВР Битола на 8 август, околу 12:33 часот. Според првичните информации, двајца рибари стигнале до брегот кај селото Сливница, во ресенскиот регион, и пријавиле дека во езерото останале уште две лица.
Еден од рибарите, 71-годишниот М.М. од Скопје, околу 12:20 часот влегол во водата откако веслата паднале од чамецот. Оттогаш нема трага од него и не успеал да излезе на површината.
Во меѓувреме, другиот рибар останал во чамецот, кој поради силниот ветер почнал да се оддалечува од брегот во правец кон Крани. Според пријавеното, чамецот бил на околу еден километар од копното.
Полициски екипи веднаш излегле на терен. Таму го затекнале Б.Ј., исто така 71-годишен жител на Скопје, кој ги информирал службите за настанот и за исчезнатиот рибар.
Во потрагата е вклучена и специјализирана нуркачка екипа од САЕ „Тигар“. Надлежните служби преземаат активности за лоцирање и пронаоѓање на 71-годишниот скопјанец.
Потрагата по него продолжува во водите на Преспанското Езеро.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
