Киев и неговата околина беа погодени од еден од најразорните руски напади од почетокот на годината. Според украинските власти, во ноќниот ракетен и дронски напад животот го загубиле најмалку 21 лице, додека повеќе од 40 се повредени.
Спасувачките екипи и понатаму ги расчистуваат урнатините, бидејќи постои сомнеж дека под срушените објекти сè уште има затрупани лица. Нападите предизвикаа сериозни оштетувања на станбени згради, железничка инфраструктура, магацински капацитети и други цивилни објекти.
Според украинските воздухопловни сили, во нападот биле употребени 24 балистички ракети, четири противбродски ракети и 115 беспилотни летала, што го прави еден од најмасовните воздушни напади во последниот период.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека поголемата испорака на современи системи за противвоздушна одбрана можела да спречи дел од трагедијата. Тој истакна дека доцнењето во испораката на ракети-пресретнувачи и антибалистички системи резултирало со големи човечки загуби и значителни разурнувања.
Зеленски нагласи и дека Украина оваа година добива помалку ракети за воздушна одбрана од своите западни партнери, што, според него, дополнително ја отежнува заштитата на населението.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека цел на операцијата биле логистички центри и објекти за снабдување на украинските вооружени сили во и околу Киев. Во соопштението се наведува дека таму се складирало оружје, воена опрема и се организирало производство и дистрибуција на беспилотни летала.
Во меѓувреме, нови руски напади се пријавени и во регионите Запорожје, Донецк и Харков, каде продолжуваат жестоките борбени дејствија.
Во последните недели е забележлива ескалација на воздушните напади врз украинската престолнина, додека украинските сили паралелно ги интензивираат операциите насочени кон руската енергетска и логистичка инфраструктура.
Веста ја пренесува Infomax.mk
