Полицијата го приведе 39-годишниот М.Ш. од тетовското село Челопек, кој пред неколку дена предизвика сериозна опасност движејќи се во спротивна насока на автопатот Скопје – Велес.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, возачот бил уапсен денеска од страна на полициски службеници од Мобилната единица при Секторот за сообраќајни работи. Инцидентот се случил на 2 август, околу 19:20 часот, кога тој управувал патничко возило „Голф“ со тетовски регистарски таблички и се движел во спротивен правец по автопатот.
Настанот предизвика големо внимание во јавноста, откако очевидци објавија фотографии и информации на социјалните мрежи, предупредувајќи за опасното однесување на возачот.
По целосното расчистување и документирање на случајот, против М.Ш. ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Тој ќе биде изведен и пред надлежен јавен обвинител.
Од МВР уште еднаш упатија апел до сите возачи строго да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, нагласувајќи дека само со одговорно однесување може да се зголеми безбедноста на патиштата и да се спречат трагични последици.
Веста ја пренесува Newz24live.com
