Според информациите од Министерството за внатрешни работи, полицијата во Тетовско работи на расчистување на сериозен инцидент во кој две девојки, наводно, биле принудени да скокнат од такси возило додека се движело.
Настанот бил пријавен на 4 август околу 16:30 часот во Полициското одделение во Теарце од лице со иницијали Д.Ќ., кој информирал дека неговата 20-годишна девојка Е.И. и нејзината 16-годишна пријателка, двете од селото Пршовце, се нашле во непријатна и опасна ситуација за време на превоз со такси.
Според пријавата, возачот не ги однел до дестинацијата што ја побарале, а неговото однесување било несоодветно. Во обид да се спасат, двете девојки одлучиле да го напуштат возилото додека тоа сè уште било во движење.
По инцидентот тие побарале помош, а за случајот веднаш биле известени надлежен јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Тетово, имајќи предвид дека една од девојките е малолетна.
Од МВР информираат дека се преземаат сите неопходни мерки и активности за целосно утврдување на околностите и расчистување на случајот.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
