Плажата Билин Жал на хрватскиот остров Корчула привремено е затворена за капење откако лабораториските анализи покажале присуство на фекално загадување и зголемено ниво на бактеријата ешерихија коли.
Надлежните служби од Дубровничко-неретванската жупанија информираа дека на посетителите и туристите до понатамошно известување не им се препорачува влегување во морето, сè додека не се потврди дека водата повторно ги исполнува безбедносните стандарди.
Загадувањето било откриено при редовното шесто испитување на квалитетот на морската вода, кое го спроведува Заводот за јавно здравје на Дубровничко-неретванската жупанија. Резултатите покажале дека количината на бактеријата ешерихија коли е над дозволената граница, по што веднаш било издадено предупредување за прекин на капењето.
Од здравствените институции најавија дека контролите на морската вода ќе продолжат во наредниот период, а плажата ќе биде повторно отворена дури откако анализите ќе покажат дека опасноста е отстранета.
За случајот се известени и инспекциските служби задолжени за заштита на животната средина, кои ќе ја следат состојбата и ќе преземаат мерки до целосно враќање на квалитетот на водата.
Веста ја пренесува Srpski.ugao_
