Грција повторно се соочува со драматична битка против големите шумски пожари, кои веќе неколку дена беснеат во различни делови од земјата. Најкритична останува ситуацијата во јужниот дел на Ретимно, на островот Крит, каде пожарникарите без прекин се обидуваат да ја запрат огнената стихија.
Силните налети на ветер и тешко пристапниот планински терен сериозно ги попречуваат напорите за гаснење. Иако екипите постојано интервенираат, пламените јазици повторно се активираат на повеќе места, што дополнително ја усложнува состојбата.
Во акциите за справување со пожарите учествуваат десетици противпожарни единици, специјализирани тимови за интервенција, цистерни со вода, градежна механизација од локалните власти, како и голем број доброволци и жители кои помагаат во одбраната на загрозените подрачја.
Поради исклучително високата опасност од појава на нови пожари, надлежните институции воведоа привремени ограничувања за движење во одредени шумски региони околу Патрас. Забраната важи во периодот од 21:00 до 06:00 часот и опфаќа шумски патишта и заштитени подрачја. Исклучок е предвиден само за локалното население, сопствениците на имоти, вработените и лицата кои имаат неопходна потреба да ги користат главните сообраќајници.
Во меѓувреме, нов пожар избувна и во шумскиот предел Фалаиси, во општината Мегалополис, во регионот Аркадија. По пријавата, на терен веднаш беа ангажирани 48 пожарникари, три специјализирани пешадиски единици и 12 противпожарни возила, кои работат на локализирање на огнот и спречување на неговото понатамошно ширење.
Веста ја пренесува __prv.mk
