Хрватска е во шок по трагичниот настан што се случи во Свети Криж Зачеретје, каде во пожар во семејна куќа животот го загубија три лица. Полицијата соопшти дека по локализирањето на огнената стихија во објектот биле пронајдени три безживотни тела, а причините и околностите на трагедијата сè уште се предмет на истрага.
Според информации што ги објавија хрватски медиуми, а кои засега не се официјално потврдени, меѓу жртвите се татко и неговите две деца. Мајката, според истите извори, во моментот на несреќата не била во домот бидејќи била на работното место.
Жителите на населбата велат дека ги разбудиле сирените на противпожарните и итните служби, а не самиот пожар. Тие го опишуваат семејството како повлечено и мирно, додавајќи дека во куќата живееле околу седум години.
Во јавноста се појавија и неофицијални информации дека непосредно пред пожарот биле слушнати истрели. Еден локален жител, повикувајќи се на сведоштво од сосед, тврди дека наводно се слушнале три истрели пред да избувне огнот. Надлежните институции досега не ги потврдија овие информации.
Истовремено, на социјалните мрежи се споделуваат снимки од екран од наводни објави на таткото. Во нив, според хрватските медиуми, тој пишувал за разочарување, чувство на предавство и семејни проблеми, тврдејќи дека со години работел во странство за да обезбеди подобар живот за своето семејство.
Во дел од тие објави се изнесени и вознемирувачки ставови во кои авторот размислува за семејни злосторства и наведува дека, според неговото гледиште, поголема казна за партнерката би била да остане жива и да се соочи со последиците. Автентичноста на овие објави, како и нивната поврзаност со трагедијата, засега не е официјално потврдена.
Истрагата продолжува, а надлежните органи треба да утврдат што точно се случило во семејниот дом и дали неофицијалните информации што кружат во јавноста се точни.
Веста ја пренесува Newz24live.com
