Познатиот хирург д-р Александар Илиќ (42) го загубил животот по насилен инцидент што се случил во неговиот семеен дом во Банатски Карловац, во близина на Вршац. Според информациите што ги објавија српските медиуми, за убиството е осомничен неговиот 14-годишен посинок.
Првичните сознанија од истрагата укажуваат дека на трагичниот настан му претходела расправија меѓу докторот и неговата сопруга. Во текот на конфликтот, малолетникот, според неофицијалните информации, реагирал со нож, нанесувајќи му повеќе убодни повреди на својот очув.
И покрај брзата интервенција на медицинските екипи, лекарите не успеале да му го спасат животот. Според дел од српските медиуми, една од повредите била во пределот на срцето и била кобна.
По инцидентот, полицијата ги привела малолетникот и неговата мајка, додека обвинителството и надлежните истражни органи продолжуваат со прибирање докази и утврдување на точниот тек на настаните.
Според досегашните неофицијални информации, можно е мотивот за нападот да бил поврзан со обидот на момчето да ја заштити својата мајка за време на семејната расправија. Сепак, официјалните резултати од истрагата сè уште не се соопштени, а сите околности околу случајот остануваат предмет на истражување.
Веста ја пренесува Newz24live.com
