Македонија се подготвува за изразен топлотен бран кој во текот на следната недела ќе донесе екстремно високи температури. Причина за наглото затоплување е продорот на многу жежок воздух од северниот дел на Африка, кој ќе ја зафати целата земја.
Според најавите, времето ќе биде претежно сончево, стабилно и без врнежи, со минимални услови за облачност. Дневните температури на повеќето места ќе се движат над 35 степени, а во Скопската Котлина, Повардарието, како и во централните и југоисточните предели, живата во термометарот локално може да достигне и да надмине 40 Целзиусови степени.
Освен жешките денови, се очекуваат и таканаречени тропски ноќи, кога температурите нема да се спуштаат под 20 степени ниту во доцните вечерни и раните утрински часови, што дополнително ќе го отежне разладувањето.
Метеоролошките прогнози укажуваат дека овој топлотен бран ќе се задржи околу една седмица, по што се очекува постепено намалување на температурите и благо освежување.
Во меѓувреме, поголемиот дел од Балканот и Европа ќе биде под влијание на таканаречената „топлотна купола“, атмосферски феномен што задржува исклучително топол воздух над поширок регион. Поради продолжената суша, ниската влажност и високите температури, значително ќе се зголеми опасноста од појава и брзо ширење на шумски пожари.
Веста ја пренесува Сител телевизија.
