Од први август домаќинствата што користат централно греење ќе плаќаат повисоки сметки, откако Регулаторната комисија за енергетика ја усвои новата одлука за корекција на цената на топлинската енергија.
Просечното поскапување за корисниците кои се снабдуваат преку ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина изнесува 5,96 проценти. Тоа значи дека месечната сметка за парно во просек ќе биде повисока за околу 140 денари, односно ќе се зголеми од 2.353 на 2.493 денари.
Промени има и за останатите оператори. Потрошувачите од поранешната „Топлана Скопје Север“, со која сега управува „Енерџи Еколинк“, ќе добијат сметки повисоки во просек за 3,6 проценти, додека за корисниците што се снабдуваат преку ЕСМ Енергетика зголемувањето ќе биде околу пет проценти.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, истакна дека конечната одлука е донесена по спроведени економски и технички анализи на работењето на компаниите што го обезбедуваат системот за топлинска енергија во главниот град.
Според него, енергетските компании побарале значително поголемо покачување, кое се движело од 30 до дури 130 проценти. Сепак, Комисијата оценила дека оправданото зголемување треба да биде ограничено на 5,96 проценти.
Ристов нагласи дека се поддржува иницијативата за обединување на компаниите на ЕСМ кои работат во секторот за топлинска енергија, бидејќи таквиот модел би овозможил поефикасно управување со ресурсите и би создал услови за постабилни и поповолни цени за потрошувачите во иднина.
Анализите на РКЕ покажуваат дека, и покрај новото поскапување, граѓаните во Скопје кои користат парно греење и натаму имаат пониски годишни трошоци во споредба со корисниците во Белград, Љубљана, Софија и Сараево.
Во текот на последната грејна сезона на системот се приклучиле уште 1.521 нов корисник, со што бројот на домаќинства што се снабдуваат со топлинска енергија достигнал вкупно 67.494.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
