Силен земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтер денеска ја погоди префектурата Кумамото во Јапонија, предизвикувајќи големи оштетувања, бројни повредени и стравувања од значителен број загинати.
Според јапонските медиуми, дел од трговскиот центар „Аеон“ во градот Кашима се урнал по силниот потрес, при што голем број луѓе останале заробени под урнатините. Претходно, локалната полиција известила и за експлозија во објектот.
Телевизијата ТБС, повикувајќи се на полициски извори, објави дека постојат сериозни сомневања оти има повеќе загинати, додека спасувачките екипи интензивно трагаат по преживеани.
Националниот јавен сервис НХК информира дека најмалку 50 лица се пренесени во болница со различни повреди, а бројот на повредени може дополнително да расте.
Јапонските власти веднаш активираа вонредни служби за проценка на штетите. Премиерката Санае Такаичи соопшти дека првичните информации укажуваат на повеќе повредени лица, оштетена инфраструктура и пожари во неколку погодени подрачја.
„Во моментов се врши проценка на последиците, но веќе е потврдено дека има повредени. Во одредени региони има прекини во снабдувањето со електрична енергија, избувнале пожари, а оштетени се патишта, мостови и голем број објекти“, изјави Такаичи.
По првичните предупредувања за можна опасност од цунами, властите соопштија дека заканата постепено се намалува. Сепак, спасувачките операции продолжуваат, додека надлежните институции ја утврдуваат конечната состојба и обемот на штетите.
Видеото го пренесува Infomax.mk
