Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, во гостувањето на Сител, говореше за активностите на ДЗС, справувањето со кризата во Гостивар, како и за зајакнувањето на системот за заштита и спасување преку поголема поддршка на доброволните пожарникари.
Ангелов истакна дека доброволните пожарникари кои беа дел од тимовите за брз одговор на ДЗС ќе бидат институционализирани преку Дирекцијата, со што ќе се овозможи нивно поорганизирано и поефикасно ангажирање, особено во текот на летниот период. Со средствата обезбедени со ребалансот на буџетот ќе се овозможи нивно поголемо ангажирање и поддршка при активностите на терен.
Тој посочи дека доброволните пожарникари се важен дел од системот, бидејќи излегуваат на терен, се соочуваат со ризици и често го прекинуваат секојдневното работење за да помогнат во гаснењето на пожарите и справувањето со последиците од природни непогоди.
Во однос на кризата во Гостивар, Ангелов информираше дека механизмите за управување со кризи биле активирани веднаш откако биле исполнети условите за вклучување на централната власт. Од започнувањето на постапката до прогласувањето кризна состојба поминале помалку од три часа.
Во справувањето со состојбата во Гостивар била воспоставена координација меѓу Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како и локалната самоуправа во Гостивар.
За потребите на граѓаните биле обезбедени значителни количини вода за пиење и техничка вода, а координацијата меѓу надлежните институции и локалната власт се одвивала без проблеми.
Ангелов се осврна и на значењето на соработката со Управата за хидрометеоролошки работи при ангажирањето на воздушните ресурси за справување со пожарите, нагласувајќи дека точните и навремени прогнози се клучни за правилно насочување на ресурсите.
Тој додаде дека воздушната поддршка е важен ресурс, но дека пожарите не можат да се изгаснат без луѓето на терен, поради што ДЗС ова лето посебен акцент стави на зајакнување на тимовите за брз одговор и поддршка на доброволните пожарникари.
Целото гостување на директорот Ангелов, погледнете го подолу:
