Европската централна банка ги претстави десетте финални предлози за новиот изглед на банкнотите од еврото, со што започнува историски процес на нивен целосен редизајн. Ова е прва ваква промена откако европската валута беше пуштена во оптек во 2002 година.
Во трката за новиот изглед останаа две главни теми – европската култура и природното богатство на континентот. Финалниот избор ќе го направат граѓаните на Европската Унија преку јавно гласање, а победничкото решение се очекува да биде избрано до крајот на годината.
Доколку преовлада концептот посветен на културата, на банкнотите би можеле да се најдат некои од најпознатите европски личности. Меѓу предложените имиња се оперската легенда Марија Калас, композиторот Лудвиг ван Бетовен, научничката Марија Кири, писателот Мигел де Сервантес, уметникот Леонардо да Винчи и добитничката на Нобеловата награда за мир Берта фон Зутнер.
Втората серија предлози е инспирирана од природата и европскиот биодиверзитет. На банкнотите би се појавиле различни видови птици и природни мотиви, со цел да се истакне богатството на европските екосистеми.
За секоја од двете теми се изработени по пет различни графички решенија, кои се движат од современ минималистички стил до покласичен визуелен пристап. Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, ги повика граѓаните активно да учествуваат во изборот на идниот изглед на еврото.
Иако победничкиот дизајн ќе биде познат наскоро, новите банкноти нема веднаш да се појават во оптек. По изборот следуваат повеќегодишни технички подготовки, тестирања и производство. До тогаш, сегашните банкноти ќе останат целосно важечки и ќе продолжат да се користат паралелно со новата серија кога таа ќе биде воведена.
Со оваа промена Европската централна банка сака новите банкноти подобро да го одразуваат современиот европски идентитет, културното наследство и природните вредности на континентот.
Веста ја пренесува Blic.rs







