Додека најголемиот дел од фоторепортерите на Светското првенство користеа најсовремена дигитална опрема, египетскиот фотограф Фаред Котб одлучи да направи нешто сосема поинакво. Тој на натпреварите се појави со фотоапарат произведен во 1930 година – истата година кога се одиграло првото Светско првенство во фудбал.
Котб сакал преку својот необичен избор да ја долови атмосферата од минатото и да создаде фотографии со автентичен ретро изглед. На овој Мундијал тој присуствувал на два натпревари – Португалија против Хрватска и Швајцарија против Колумбија, а фотографиите што ги направил предизвикаа бројни позитивни реакции.
Ова било негово трето Светско првенство, но решил токму ова издание да го направи незаборавно. Во интервју за CBC News, дадено од Ванкувер, тој објаснил дека сакал да им понуди на луѓето поинаков поглед кон најголемиот фудбалски спектакл.
„Дигиталната фотографија е многу побрза и попрактична за спортски настани. Но филмската фотографија има душа и носи посебно чувство. Луѓето беа изненадени кога видоа камера од 1930 година на Светско првенство, а потоа сакаа да ја слушнат приказната што стои зад неа“, изјавил Котб.
Фотографиите што ги создаде ќе бидат дел од документарниот проект „Проект 1930“, додека дел од нив веќе ги сподели на социјалните мрежи, каде што привлекоа големо внимание.
Работата со толку стар фотоапарат, според него, била значително потешка отколку со современа дигитална опрема. Немал можност веднаш да ги прегледа фотографиите, а поради ограничениот број експозиции на филмот, морал внимателно да го избере секој кадар. Токму тоа, вели тој, ја прави секоја фотографија уште повредна и поавтентична.
Веста ја пренесува Pobjeda.me




