Амбасадата на Грција во Скопје започна нова информативна иницијатива насочена кон граѓаните во Македонија кои имаат грчки корени и би можеле да ги исполнуваат законските услови за стекнување грчко државјанство.
Во рамки на кампањата е објавена пораката: „Грција има потреба од вас. Зацврстете ја врската со вашата татковина“, со која се охрабруваат сите лица со грчко потекло да ги проверат своите можности за добивање државјанство.
Од Амбасадата информираат дека право на аплицирање може да имаат лица кои своето грчко потекло можат да го докажат преку родител, баба или дедо. Заинтересираните можат да добијат детални информации за условите, потребната документација и целокупната постапка за поднесување барање.
Како што посочуваат, процесот започнува во надлежниот грчки конзулат, во зависност од местото на живеење на апликантот, каде што се добиваат сите потребни насоки за водење на постапката.
Од грчката Амбасада ги повикуваат сите кои сметаат дека имаат право на државјанство по потекло да се информираат преку официјалните извори и да проверат дали ги исполнуваат критериумите за поднесување барање.
Веста ја пренесува Сител телевизија.
