Фото: Muzej Kumanovo
Археолозите од НУ Музеј Куманово годинава открија нови значајни наоди на локалитетот Градиште кај Младо Нагоричане, кои дополнително ја потврдуваат важноста на оваа античка населба од 4 и 3 век пред нашата ера.
Меѓу највредните откритија се питос со претстава што се поврзува со божицата Деметра, остатоци од простор за ритуални обреди и симпозиуми, како и уникатни делови од луксузно украсен кревет, кои според археолозите сведочат за високото ниво на развој и силните врски на населбата со македонското кралство.
„Би сакале да ве информираме археолошкото одделение од НУ Музеј Куманово ги заврши археолошките истражувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане. Истражувањата беа реализирани под раководство на Дејан Ѓеорѓиевски, кустос советник – археолог и раководител на проектот . Ископувањата беа концентрирани на секторот Долна тераса, каде што, пред неколку години, пронајдовме конструкции oд 4 век пр.н.е., всечени во карпа како и камени конструкции во вид на тумули, под кои пронајдовме големо количество вотивни садови, мали јами и ритуален сад за вода до нив. Тоа сугерираше дека на тој простор се вршени ритуални дејствија, и поради тоа оваа година ископувањата беа продолжени таму.
Непосредно источно до откриениот тумул, откривме ѕидови од градба во која имаше повеќе фрагменти од питоси и други стоваришни садови. Но ритуалниот карактер на просторот ни го потврди наодот на питос кој на своето устие има декорација од отпечатоци од прстен, на кој има претстава на женско божество – Деметра(?), која држи рог на изобилие во едната рака, а со другата прави либација (течна жртва) со кантарос врз триножник. Јужно од овој простор, откривме дел од ограден ѕид, кој го одделувал просторот за обреди од остатокот од населбата. Меѓутоа, непосредно до ѕидот, пронајдовме остатоци од помала просторија, која укажува на активности поврзани со симпозиуми или ритуални јадења. Имено, покрај големото количество на наоди од животински коски – диви свињи, кози и слично, имаше и големо количество на трпезна керамика од 4-3 в.пр.н.е. Голем дел од неа беше импортирана – west slope гутус, west slope кантароси, мали црнофирнизирани ехинуси украсени со oтпечатоци од палмети, но и фрагменти од амфори, хидрии, кантароси, како и црнофирнизирана лампа и остатоци од керамички фигурини. Особено значајно е што пронајдовме подлога – лежиште, која веројатно била користена за поставување на маса, и уникатни остатоци од декорација од кревет – делови од профилирана ногарка и аплика со претстава на божество. Божеството држи фијала во раце (ритуален сад за либација) и лежи на клине (кревет) – веројатно е дел од поголема, симпозиумска поворка од божества.
Иако наодите се луксузни и уникатни, градбата е прилично скромна. Имено, просторот од источната страна е заграден со два големи триаголни камења, зад кои е поставен ѕид кој ја оградува просторијата од исток, додека од север таа улога ја има оградниот ѕид. Поради сето тоа, веруваме дека и оваа просторија е поврзана со ритуалите кои се вршени во теменосот – можеби за ритуални јадења, слично на светилиштето на Деметра и Персефона на Коринт. Во секој случај, големиот број на импортирана керамика, како и остатоците од луксузно украсениот кревет за кој нема многу паралели (слични декорации се наоѓани во богатите гробови од периодот на 4-3 в.пр.н.е. во Пела, како и во кралските гробови од Ајга/Вергина), повторно го потврдуваат високиот степен на развиток на оваа населба. Ѕидовите украсени со боен малтер во градбата со перистилен двор истражена претходните години, остатоците од импортираните амфори и украсените керамички садови, зборуваат за развиена трговија и целосна вклученост во цивилизациските текови од македонското кралство од 4-3 в.пр.н.е. Следните истражувања ќе бидат фокусирани на доистражување на градбите кои ги откривме оваа година и евентуалното постоење на храм во овој дел на локалитетот. Ископувањата се дел од Годишната програма за работа на НУ Музеј Куманово, финансирани од Министерството за култура и туризам“, соопштија од Музеј Куманово.
