По пристигнувањето во Македонија, претседателката на Индија, Друпади Мурму, денеска ја започнува официјалната агенда, која опфаќа државни средби, културни настани и активности насочени кон зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за високата гостинка ќе биде организиран свечен пречек со највисоки државни и воени почести. По официјалниот дел ќе следуваат разговор во четири очи и работна средба на делегациите на Македонија и Индија, а посетата ќе биде заокружена со заеднички изјави пред јавноста.
Во текот на денот, Мурму ќе ја посети црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што ќе положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, како симболичен чин на почит кон неговото историско дело.
Во попладневните часови ќе се одржи Македонско-индиски бизнис форум, на кој ќе присуствуваат претставници на институциите и деловната заедница од двете држави. Предвидено е двете претседателки да се обратат на отворањето, по што ќе бидат претставени можностите за инвестирање и продлабочување на економската соработка.
Програмата продолжува и следниот ден со посети на неколку значајни културно-историски локалитети. Во Скопје се планирани посети на Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе биде откриена биста на Махатма Ганди.
По завршувањето на активностите во главниот град, двете претседателки ќе отпатуваат за Охрид. Таму ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и повеќе црковни и културно-историски знаменитости во старото градско јадро.
Инаку, индиската претседателка пристигна во Скопје вчера, каде што на аеродромот беше пречекана од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Поради официјалната посета, во делови од главниот град е воведен посебен режим на сообраќај, а надлежните ги повикаа граѓаните да ги почитуваат упатствата на полициските службеници.
Веста ја пренесува Infomax.mk
