Летувањето на едно семејство од Молдавија во Грција заврши со страшна трагедија која ја потресе јавноста. Во тешката сообраќајна несреќа на Халкидики животот го загубија двајцата родители и нивното шестмесечно бебе, додека нивната седумгодишна ќерка и натаму се бори за живот.
Девојчето е хоспитализирано на Одделот за интензивна нега во Хипократовата болница во Солун, каде лекарите вложуваат максимални напори да ја стабилизираат нејзината состојба. Таа се здобила со сериозни повреди на главата, лицето и градниот кош и останува во критична состојба.
Во родниот град Страшени во Молдавија, локалните власти ја опишаа несреќата како „неопислива трагедија“ и упатија повик до граѓаните да помогнат со финансиска поддршка за семејството. Воедно, роднините и блиските собираат средства за транспорт на телата на загинатите во нивната татковина.
„Секоја донација, секоја подадена рака и секое споделување на повикот значат огромна поддршка во овие најтешки моменти“, порачуваат од општината.
Според досегашните информации, трагичната несреќа се случила на регионалниот пат Полигирос – Агиос Николаос, кога автомобилот во кој се превезувало семејството се судрил со цистерна, по што излетал надвор од коловозот.
Возачот на цистерната, 44-годишен маж, по налог на надлежниот обвинител бил пуштен да се брани од слобода, додека истрагата за причините за несреќата продолжува.
Веста ја пренесува Newz24live.com

