Трагичен семеен настан ја потресе јавноста откако во Скопје животот го загуби 52-годишен маж, а за неговата смрт е осомничен неговиот 31-годишен син.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, трагедијата се случила во текот на ноќта во семејниот дом. По пријавата, на местото пристигнале полициски службеници и екипа на Итната медицинска помош, но лекарите можеле само да ја констатираат смртта на мажот.
Првичните информации укажуваат дека на настанот му претходела жестока семејна расправија. Според неофицијални сознанија, починатиот бил под дејство на алкохол и физички ја нападнал сопругата. Во обид да ја заштити мајката, синот наводно употребил нож, при што таткото се здобил со смртоносни повреди.
Како што објави Алсат, осомничен е 31-годишниот Бесарт Џемаили, додека жртвата е 52-годишниот Едем Лукмани. Според истиот извор, починатиот и претходно бил пријавуван за семејно насилство, а овие информации се предмет на истрагата.
Во текот на истражната постапка се појавија и дополнителни детали за осомничениот. Според извори на Алсат, неговата психичка состојба подолг период била нарушена, а тој наводно им тврдел на членовите на семејството и на блиски лица дека е пророк, барајќи од нив да постапуваат според неговите барања. Овие наводи засега не се официјално потврдени од надлежните институции.
Дополнително, според документ до кој дошол Алсат, починатиот Едем Лукмани неодамна поднел барање за промена на личното име, со кое побарал наместо „Едем Лукмани“ да биде запишан како „Авни“.
По наредба на надлежен јавен обвинител, телото е предадено на обдукција. Осомничениот е приведен и се наоѓа во полициска станица, каде што се води службена постапка. По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на сите околности што довеле до оваа тешка семејна трагедија.
Веста ја пренесува Newz24live.com

