Галичник повторно стана место каде што оживуваат најубавите македонски свадбени обичаи. Во амбиент исполнет со традиција, Александар Пендароски и Мартина Михајлова ја запечатија својата љубов, станувајќи годинашниот невестински пар на Галичката свадба.
Свеченоста се одвиваше според автентичниот свадбен церемонијал, со препознатливите звуци на зурли и тапани, народни носии и обичаи што со векови се зачувуваат во овој мијачки крај. Голем број гости и љубители на фолклорот од Македонија и од странство имаа можност да бидат дел од настанот и да ги проследат традиционалните ритуали што ја прават оваа манифестација единствена.
Од подготовките на младенците до црковниот чин на венчавање и веселбата со македонски ора, секој момент беше потсетник на богатото културно наследство што Галичката свадба го негува повеќе од половина век. Оваа манифестација и годинава покажа дека традицијата не е само спомен од минатото, туку жива вредност што продолжува да ги обединува генерациите.
Веста ја пренесува 24chasa.mk
