По информациите дека легендарниот македонски актер Гоце Тодоровски е хоспитализиран, неговата ќерка Сашенка се огласи и ја појасни неговата здравствена состојба.
Таа откри дека актерот моментално се наоѓа на лекување на Одделот за хирургија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, каде што закрепнува по незгоден пад што го доживеал за време на екстремно високите температури.
Според нејзините зборови, сè започнало кога му се слошило поради горештините, по што паднал и сериозно го повредил левото колено. Поради неговата ослабена здравствена состојба, повредата дополнително се искомплицирала, а се појавиле и проблеми со згрутчување на крвта и воспаление. Лекарите навремено интервенирале и ја санирале состојбата, па сега тој е во стабилна здравствена состојба.
Сашенка вели дека секојдневно го посетува својот татко и дека тој се чувствува добро, но тешко му паѓа долгото задржување во болница. Иако нема лангета, лекарите му препорачале целосно мирување бидејќи сè уште не може нормално да се движи.
Таа истакна дека медицинскиот тим внимателно ја следи неговата состојба и дека терапијата продолжува според планот. Воедно, упати благодарност до сите кои изразиле грижа и испратиле пораки со поддршка и желби за негово побрзо закрепнување.
Веста ја пренесува Слободен печат.

