Во Основниот суд во Куманово започна судењето против 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, кој се товари за повеќе тешки кривични дела, вклучително и пет убиства и два неуспешни обиди за одземање живот.
Бојковски беше донесен во судницата под полициска придружба, со лисици на рацете. При неговото појавување пред камерите, тој не покажуваше реакција кон присутните новинари, а поголемиот дел од времето гледаше нагоре во таванот, исто така се држел и за главата и испуштал чудни звуци.
Против него Основното јавно обвинителство Куманово има поднесено обвинителен акт со кој го товари за повеќе квалификувани форми на кривично дело убиство, како и за два обида за убиство. Доколку биде прогласен за виновен, за делата за кои се товари предвидена е затворска казна од најмалку десет години, а може да биде изречена и доживотна казна затвор.
Судската постапка продолжува, а обвинителството ќе треба да ги докаже наводите изнесени во обвинението пред судот.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
