Со тврдење дека зад четирите убиства стоел специфичен и крајно вознемирувачки мотив, обвинителството го започна случајот против 25-годишниот Трајко Бојковски, кој денеска седна на обвинителна клупа во Основниот суд во Куманово.
Јавниот обвинител Љубомир Лапе во воведното обраќање пред судот најави дека обвинителството ќе се обиде да докаже дека делата не биле случајни, туку резултат на одреден мотив кој, според нивните наоди, бил поврзан со некрофилија. За поткрепа на обвинението ќе бидат презентирани повеќе докази – од форензички анализи и медицински наоди, до психијатриски вештачења и сведоштва.
Според обвинението, Бојковски бил насочен кон повозрасни жени кои биле особено ранливи, најчесто живееле сами и немале можност да се спротивстават на нападите. Обвинителството наведува дека жртвите биле нападнати во нивните домови, а околностите околу нивната смрт биле дополнително истражувани откако се појавиле сомнежи дека не станувало збор за природно починати лица.
Токму ексхумациите биле клучен момент во истрагата, бидејќи преку дополнителните медицински и форензички анализи било утврдено дека кај дел од случаите имало знаци кои упатувале на насилна смрт.
На првото судско рочиште вниманието го привлече однесувањето на обвинетиот. Наместо веднаш да одговори на прашањата од судијата, Бојковски молчел, не воспоставувал контакт со присутните и бил фокусиран кон таванот во судницата, додека во еден момент се смеел. По десетминутна пауза, тој продолжил со постапката и ги дал потребните податоци.
Адвокатот Драган Трајковиќ објаснил дека ваквата реакција била резултат на стрес и притисок од атмосферата во судницата, особено поради присуството на медиуми и јавност. Иако претходно беше најавено дека неговиот клиент ќе признае вина, Бојковски пред судот изјавил дека не се чувствува виновен.
Обвинителството смета дека со целокупниот доказен материјал ќе успее да ја потврди вината на обвинетиот. Во постапката ќе бидат разгледувани материјали од увидите, обдукциски извештаи, резултати од ДНК-вештачења и други стручни анализи.
Во судскиот процес се приклучија и блиските на четирите жени кои ги загубија животите, барајќи случајот целосно да биде расветлен.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
