Снимка од безбедносна камера што се прошири на социјалните мрежи прикажува жена која, под изговор дека ѝ се слошило од жештината и дека има потреба од вода, наводно извршува кражба во скопско кафуле.
Според објавените информации, настанот се случил вчера околу 18 часот. На видеото се гледа како жената пристапува до шанкот и бара чаша вода. Додека чека, се разладува мавтајќи со рацете, испива неколку голтки, а потоа ја зема чашата во која вработените го собирале бакшишот и го напушта локалот.
Во описот на објавената снимка, сопственикот на кафулето апелира до граѓаните за помош во препознавање на жената.
„Дали некој ја познава девојката која денес ја однесе чашата со бакшиш од шанкот додека чекаше вода? Во неа имаше меѓу 100 и 150 евра“, стои во објавата што брзо привлече големо внимание на социјалните мрежи.
Сопственикот се надева дека со помош на јавноста ќе се утврди идентитетот на жената и случајот ќе добие разрешница.
Во последниот период сè почесто се регистрираат кражби во угостителски и малопродажни објекти, а сопствениците предупредуваат дека ваквите инциденти стануваат сè почеста појава.
Веста и видеото ги пренесува Skopje1.mk
