Еден од најзначајните православни споменици на културата во земјава – манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матка – се соочува со сериозно пропаѓање, предупредуваат загрижени граѓани кои бараат итна реакција од надлежните институции.
„До кога ќе се дозволува ваква негрижа? Дали некој воопшто ја следи состојбата на културното наследство?“, прашуваат револтирано посетители кои сведочат за видливото влошување на состојбата на овој вековен духовен храм.
Манастирот, изграден во 1337 година и обновен кон крајот на 15 век, се наоѓа во кањонот Матка, на околу 15 километри од центарот на Скопје. Освен што претставува важно духовно светилиште, тој е и вреден историски и културен споменик со непроценливо значење.
Според реакциите од јавноста, објектот подолг период не добива соодветна заштита и конзерваторска грижа. Најголема загриженост предизвикува појавата на шалитра, односно белузлави кристални наслаги што се создаваат како последица на влага и соли во ѕидовите.
Овој процес, познат како ефлоресценција, сериозно ги загрозува фрескоживописите и ѕидните површини. Влагата предизвикува лупење на боениот слој, распаѓање на малтерот и појава на бели дамки, а доколку не се преземат навремени мерки, постои опасност од неповратно уништување на делови од автентичните фрески.
Граѓаните апелираат надлежните институции што поскоро да извршат увид и да започнат со неопходни конзерваторски активности, со цел да се зачува ова значајно културно и духовно богатство за идните генерации.
Веста ја пренесува 24chasa.mk
