Цените на плажите во Грција повторно станаа тема на расправи на социјалните мрежи, откако се појави фотографија од ценовник на една плажа каде што лежалките се наплаќаат по човек, наместо како вообичаениот модел – по сет.
Според објавените информации, најблиските позиции до морето, односно првиот и вториот ред, чинат по 20 евра за едно лице. Местата во третиот и четвртиот ред се наплаќаат по 15 евра, додека за сите позиции од петтиот ред па наназад цената изнесува 10 евра по лице. Истата сума од 15 евра важи и за зоната под сенките на дрвјата.
На таблата дополнително е наведено дека платената сума се однесува само за користење на лежалките, а храната и пијалаците се наплаќаат одделно.
Фотографијата беше споделена во група посветена на летување во Грција и за кратко време предизвика голем број реакции. Дел од корисниците сметаат дека цените се превисоки, особено во споредба со места каде што лежалките се добиваат со минимална потрошувачка или без дополнителна наплата.
Според едноставна пресметка, четиричлено семејство кое би избрало место во првиот ред покрај морето би морало да плати дури 80 евра само за лежалки, без да се вклучат трошоците за храна и пијалаци.
Во последните години се забележува тренд на сè поразлични модели на наплата на плажите во Грција, при што цените најчесто варираат во зависност од локацијата, сезоната и близината до морето.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
