Македонски државјанин е главниот осомничен за убиството на 45-годишна жена во близина на Ханија на грчкиот остров Крит. Според грчките медиуми, тој наводно го признал делото пред истражните органи.
Грчкиот портал „Прототема“ објавува дека станува збор за 43-годишен маж од Македонија, кој живеел како подстанар во домот на Ставрула Левендаки. Таа била пријавена за исчезната на 30 мај, а нејзиното безживотно тело било пронајдено утрово во рурална област во близина на Ханија.
Според информациите од истрагата, осомничениот по расправија со сопственичката на куќата ја нападнал и ја усмртил. Потоа, телото го ставил во вреќа, го пренел со автомобил и го однел на околу пет километри од куќата, каде што го закопал во нива.
Првичните судско-медицински наоди укажуваат на повреди во пределот на градниот кош и тешка повреда на главата, за која се сомнева дека е нанесена со метален предмет.
Осомничениот изјавил дека конфликтот настанал поради наводна штета што ја предизвикал во домот. Сепак, грчките истражни органи со претпазливост ја разгледуваат оваа верзија и не ја исклучуваат можноста мотивот да бил од сексуална природа.
По повеќечасовно испрашување од страна на одделот за борба против криминал во Ханија, тој на крајот признал и детално го опишал текот на настаните од 30 мај, велат изворите.
Исто така, им го посочил и местото каде што било сокриено телото на жртвата.
Во регионот Ватолакос кај Ханија и понатаму има засилено полициско присуство, додека форензичките екипи работат на целосно расчистување на случајот што ја потресе локалната и пошироката јавност на Крит.
Грчката полиција се очекува во текот на денот да објави официјални детали за истрагата и доказите што довеле до расветлување на овој тежок криминален случај.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
