Со порастот на високите температури повторно се отвора прашањето за состојбата во скопскиот јавен превоз. Автобуси на ЈСП Скопје често се расипуваат во сообраќај, од нив се појавува чад, а во одредени случаи се забележува и истекување течности. Дел од граѓаните велат дека ваквите ситуации предизвикуваат загриженост за безбедноста при користење на јавниот транспорт.
Ова не е нова појава. Со години, особено во периодите на жешко време, проблемите со застарениот возен парк стануваат поизразени. Видеа објавени изминатата недела прикажуваат автобуси во дефект на повеќе локации низ Скопје, што уште еднаш ја актуализира состојбата во ЈСП.
Од Град Скопје наведуваат дека затекнатата состојба во претпријатието била сериозно нарушена.
„Кога градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја презеде одговорноста, состојбата во ЈСП беше сериозна. Имаше околу 130 автобуси во функција, целосно запуштено претпријатие и застарен возен парк“, велат од Градот.
Оттаму додаваат дека денес бројот на функционални автобуси е зголемен на околу 180, како резултат на тековни сервисирања и интервенции.
Според нив, паралелно се постигнати и финансиски заштеди.
„И покрај вложувањата во поправки и одржување, во првите шест месеци се остварени заштеди од околу 1 милион евра во споредба со истиот период минатата година“, посочуваат од градската администрација.
Сепак, од Град Скопје признаваат дека возниот парк е застарен и дека дефектите не можат целосно да се избегнат.
„Факт е дека автобусите не се нови и дека кај стар возен парк секогаш постои можност за дефекти, но целта е тие да се сведат на минимум и граѓаните да добијат поредовен и поквалитетен превоз“, наведуваат од Градот.
Во меѓувреме, најавено е продолжување на процесот за обновување на возниот парк, со очекување за пристигнување на околу 100 нови автобуси преку владина набавка.
Додека се чека реализацијата на овие најави, скопјани и понатаму се соочуваат со чести дефекти на автобусите — проблем што со години останува едно од најголемите предизвици во јавниот превоз во главниот град.
Веста и видеото ги пренесува Skopje1.mk
